Македонската Еспорт Федерација ја отвора новата сезона на лиги каде што домашните тимови и играчи поединци ќе можат да поминат низ овие национални квалификации за да се здобијат со титулата репрезентација на Северна Македонија за 2021 година.

„Најдобрите тимови и играчи ќе нè претставуваат на претстојното Светско Еспорт Првенство во Ејлат, Израел што исто така традиционално се оддржува секоја година, а е во организација на Меѓународната Еспорт Федерација каде што членува МЕСФ“, информираат од Македонската Еспорт Федерација.

Оваа година лигата ќе се состои од четири наслови од кои два од нив се играат на компјутер или Counter Strike: Global Offensive и DOTA2, а другите два наслова ќе се играат на PlayStation 4 конзолата или Pro Evolution Soccer 2021 и Tekken 7. Учество во лигата ќе земат тимовите и играчите кои се официјално регистрирани како членови на МЕСФ.

Предвидените датуми за почеток на лигите во игри се: DОТА 2, започнува на 5-6 јуни 2021 година; CS:GO, започнува на 19-20 јуни 2021 година; PES 2021, запончува на 3 јули 2021 година и Tekken 7, започнува на 4 јули 2021 година.

Преносите од лигата ќе може да се следат од сите заинтересирани лица на официјалниот канал од МЕСФ на Твич, секој викенд од 15:00 часот.

Организатор на националните квалификации и лига на Северна Македонија е ESPORTS.MK под надлежност на МЕСФ, а од таму ни порачуваат дека во наредниот период ќе следат дополнителни информации поврзани со лигата.