По повод Меѓународниот ден на детето, 1ви јуни, во организација на А1 Македонија се одржа отворената работилница на тема безбедно користење на интернет, дел од проектот „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно!“, наменето за сите четвртоодделенци.
На онлајн работилницата се приклучија заинтересирани ученици со нивните родители и наставници, ученици кои сакаа да слушнат и научат повеќе на кој начин да се заштитат додека сурфаат на светската мрежа.
„Интернетот не e само игра… Кликај безбедно!” е програма наменета за најмладите, со која вработените во А1 Македонија, веќе четврта година по ред, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Предавањата ги држат вработени во А1 Македонија, на волонтерска основа, со огромно искуство стекнато низ годините.
Проектот започна во 2018. година со работилници во основните училишта на територијата на град Скопје, а наредната учебна година продолжи со работилници во основните училишта во сите поголеми градови низ Македонија. Третиот циклус работилници се одвиваа во просториите на компанијата, а ги следеа децата на вработените, четвртоодделенци, со своите одделенија. Оваа година поради пандемијата, работилниците се одвиваат онлајн, а од почетокот на овој проект па досега едуцирани се повеќе од 2500 ученици од целата држава.
Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието. Заложбата на А1 Групацијата е до 2023 година на групациско ниво преку тренинзи и работилници на тема дигитална писменост да се едуцираат над 100.000 деца и возрасни.
Едукативната програма „Интернетот не е само игра…Кликај безбедно!“ е добитник на признанието во категоријата “Однос кон заедницата”, што го доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и Министерството за економија.
Поврзани артикли