Кина има големи планови за освојување на вселената, но прашање е дали може наскоро да преземе доминантна улога.

Земја која „само“ пред дваесет години го испрати својот прв астронаут во вселената, полека но сигурно оди кон врвот на најголемите светски сили, а неодамнешните успеси на Кина укажуваат дека постои основа за претпоставка дека порано отколку подоцна ќе ја преземе доминацијата кога станува збор за освојување и истражување на нашиот Сончев систем, но и понатаму.

Оваа држава успеа да го спушти својот ровер Журонг на Марс овие денови, со што стана втора земја, по САД, која успеала во таков потфат, но во претходните години исто така има спуштено сонда на темната страна на Месечината, што никому друг не му успеало. Ако се има предвид дека земјата гради вселенска станица, која треба да биде оперативна во 2022 година, и дека планира да го спушти роверот на Месечината во 2024 година, несомнено се докажува дека Кина поминала долг пат во своите намери да „зграби парче од вселенската торта“ од САД и Русија, како лидер во истражувањата на вселената, но и од европските и другите азиски земји.

Сепак, тежок пат до врвот ја чека вселенската програма на оваа земја која има среќа да биде втора, а веројатно и прва најголема економија во светот во следните години.

Најновите успеси на Кина во спуштање на роверот на Црвената планета, но и други слични успеси, се првенствено важни за развојот на кинеската вселенска програма. Се разбира, тие се исто така важни за целото истражување на вселената, но во помала мера, бидејќи тоа се потфати коио другите вселенски сили веќе ги имаат постигнато.

Кина ја чека огромна работа ако сака да го достигне, а можеби дури и да го надмине, технолошкото ниво на водечките сили, пред се на САД и Русија, што во голема мера ќе зависи од способноста на Кина да го одржи овој интензитет во време кога сè повеќе треба да се потпира на сопствениот развој.

Експертите потсетуваат дека Кина има голема предност што во изминатите децении многу се развиваше на бројни полиња кога станува збор за технологијата.

„Најдобрите мобилни телефони, процесори, компјутери, генерално електроника… доаѓаат од Кина. Долги години, само „работната сила“ за богатите западни земји, кинеските компании ги достигнаа во многу области, па дури и ги надминаа конкурентите со подолга и позвучна традиција. Не треба да се заборави економската моќ на Кина, која ако не е најголемата економија, тогаш е сериозен кандидат за таа титула во блиска иднина, а Комунистичката партија на Кина има големо влијание кога станува збор за развој на технологија во земјата“, наведуваат експертите и потсетуваат дека Кина работи напорно на унапредување на образованието, кое е главна алатка за секој напредок. Тие сметаат дека сето тоа претставува добра основа за Кина да се наметне како голем, ако не и најважен играч во освојувањето на вселената.

Со оглед на големите чекори кои оваа земја ги презема во освојување на вселената, а особено неодамнешниот успех во слетувањето на роверот на Марс, нема сомнение дека веста оти „Црвена Кина“ ја освоила „Црвената планета“ со спуштање на човечки екипаж, па дури и воспоставување бази на ова вселенско тело, ако ништо создала одличен материјал за „играње со наслови“ во медиумите, но тешко дека ќе успее самостојно во тоа, сметаат соговорниците на Ал Џезира.

Се разбира, прашањето за освојување на вселената нема само научна, туку и политичка страна, која може да има големи последици, затоа овие успеси на Кина будат различни емоции.

За љубителите на науката, секој напредок во истражувањето на вселената е позитивен, но оние што гледаат на тоа од геополитичка или воена гледна точка, веројатно имаат различни мислења во зависност од позициите на кои се наоѓаат.

Во секој случај, успесите на Кина би можеле да имаат позитивни последици врз напорите на човечката раса да го освои небесното соседство.

Природно е да се очекува дека силниот раст на новата вселенска сила ќе предизвика одговор од старите играчи кои ќе се обидат да ги задржат своите позиции.

Многу е можно во блиска иднина тоа да доведе до значајни чекори како што е враќање на Месечината, сметаат експертите.