Американскиот моден дизајнер Том Форд во соработка со организацијата Lonely Whale почна натпревар за пронаоѓање биоразградлива пластика, а победникот ќе добие награда од 1,2 милиони долари.
Кон крајот на минатата година, Том Форд најави партнерство со Lonely Whale и нејзиниот советодавен огранок 52HZ за започнување на Наградата за иновации во пластика.
Овој натпревар ги стимулира дизајнерите, производителите и пронаоѓачите да создадат биоразградлива алтернатива на тенкослојната пластика. За разлика од постојната разградлива пластика, која мора да се компостира, биоразградливата пластика природно ќе се деградира во почвата или океанот без човечка интервенција.
Главната награда е 1,2 милиони долари, со поддршка на инвеститорите во испорака на производот на пазарот до 2025 година.
Поканата за пријавување на конкурсот и доставување предлози беше објавена и на официјалниот профил на Instagram на брендот Tom Ford, а конкурсот трае до 24 октомври.
„Пластиката влегува во нашите животи една минута, но таа продолжува како отпад и никогаш навистина не исчезнува“, објаснува д-р Дјун Ајвс, извршен директор на Lonely Whale.
„Како организација способна масовно да ги катализира глобалните промени, Наградата Том Форд за иновации во пластика е можност да се создаде нов почеток и да се промовираат решенија сразмерни на проблемот со загадувањето со пластика“, додава Ајвс.
Во следните месеци, Форд ќе ги разгледа апликациите со судиската комисија и тие ќе работат со експерти за материјали, здравје на океаните и развој на производи за да се осигура дека победничката апликација може реално да ја замени тенколсојната пластика.
„Има толку многу креативност, талент и иновација во светот, и треба само една неверојатна идеја и напор да се искористи нечиј потенцијал за да се направи невозможното можно“, рече Форд.
Извор: Klix.ba