Засега нема никакви информации за тоа дали оваа есен, сепак, можеби ќе биде одржана некаква виртуелна или хибридна верзија на IFA саемот.
Откако организаторите на еден од најпознатите саеми за потрошувачка електроника, берлинскиот IFA 2021, гордо објавија дека саемот ќе се одржи овој септември во својата „стара“ форма – со повеќе изложувачи и посетители, сепак, сега стигна одлуката за откажување.
Како што наведоа Messe Berlin i gfu Consumer & Home Electronics, одлуката е донесена по исцрпните разговори со здравствените експерти и други партнери.
„На крајот, неколку клучни светски здравствени показатели не се движеа во вистинската насока и со онаа брзина на која се надевавме – од брзото ширење на новите верзии на Ковид-19 до континуирана неизвесност околубрзината на вакцинација низ целиот свет. Тоа дополнително додаде несигурност во компаниите кои планира да дојдат во Берлин, како и во медиумите и кај посетителите“, се вели во соопштението, во кое се наведува и дека дел од изложбениот простор лоциран во Messe Berlin сè уште е наменет за вакцинирање и хоспитализација на полесно болните лица.
„На иновациите им е потребна платформа и им треба светско внимание. Затоа компаниите и производителите од техничката индустрија имаа желба да дојдат на IFA Берлин 2021 година. За жал, неодамнешните случувања во сферата на јавното здравство се покажаа како премногу ризик за сите што го планираа настанот“, истакна Каи Хилебранд, претседател на Надзорниот одбор на gfu Consumer & Home.
Тој додаде дека стана речиси невозможно да се смисли одговорен план на учество на било кој на саемот. Поради тоа е донесена одлука за откажување на IFA саемот оваа година.
Организаторите посочија дека работат со партнерите за подготовка на полноправен саем што ќе се одржи во живо од 2 до 6 септември 2022 година. Засега не се споменува евентуална виртуелна верзија на IFA или хибридна верзија како што се одржа во 2020 година.
Поврзани артикли