Познатиот природен карпест споменик на островите Галапагос, „Дарвиновата порта“ се урна како резултат на ерозија, соопштија еквадорските власти и здруженијата за заштита на животната средина. Како што велат оттаму, Портата веќе не постои во својот препознатлив облик и од неа останале само два столба.
На фотографиите на Министерството за животна средина на Еквадор, се гледаат само остатоци од пристаништето.
„Дарвиновата порта, природната атракција во облик на мост што се наоѓа на помалку од еден километар од главната област на островот Дарвин, се сруши поради природна ерозија. Дарвиновата порта некогаш беше поврзана со островот. Областа се смета за едно од најпогодните места на планетата за нуркање и за набљудување ајкули, ајкули-чекани и други морски животински и растителни видови”, објави Министерството.
Островите Галапагос го добиле името по британскиот научник Чарлс Дарвин. Тие се под заштита на УНЕСКО од 1978 година.
– Падот на Дарвиновата порта е потсетник за тоа колку е кревок светот во кој живееме. Не можеме да сториме речиси ништо за да ја спречиме природната ерозија и слични геолошки појави, но можеме да го заштитиме подводниот свет. Портата беше една од главните туристички атракции во светот, со своите ајкули-чекани, рече Џен Џонс од Здружението за заштита на Галапагос.
Вулканскиот архипелаг се состои од 234 острови, бројни заливи и карпи и, денес таму има околу 30.000 жители.