Пандемијата на Ковид-19 е катастрофа што можела да се спречи, а милиони луѓе можеле да си ги спасат своите животи доколку светот реагирал доволно бргу, е заклучокот на независен панел, кој ги критикува странските лидери и повика на големи промени за да се стави крај на кризата и да се осигури дека такво нешто веќе нема да се повтори на планетата.
Извештајот на панелот, со кој претседаваше Хелен Кларк, поранешна премиерка на Нов Зеланд, и Елен Џонсон Сирлиф, поранешна претседателка на Либерија, најде слаби карики насекаде во синџирот. Се наведува дека подготовките биле неконзистентни и слабо финансиски поддржани, системот за предупредување бил премногу бавен и премногу благ, а Светската здравствена организација била недоволно моќна. Заклучено е дека одговорот ги влошува нееднаквостите.
„Глобалното политичко раководство беше отсутно“, се вели во извештајот, пренесува „Гардијан“.
Кларк го опиша февруари 2020 година како месец на изгубени можности да се избегне пандемијата бидејќи толку многу земји избраа да чекаат и да видат.
„За некои било потребно да се наполнат креветите на единиците за интензивна нега во болниците за да се преземат повеќе активности“, рече таа.
„И дотогаш беше доцна за да се избегне пандемија. Она што следуваше беше ‘победникот зема сè’ во борбата за лична заштитна опрема и терапија. На глобално ниво здравствените работници се тестирани до нивните граници и стапката на инфекции, болести и смртност се зголеми и продолжи да расте.
И Сирлиф се согласува дека ситуацијата во која сме денес можела да се спречи.
„Избувнувањето нов патоген, САРС-КоВ-2, стана катастрофална пандемија што досега уби повеќе од 3,25 милиони луѓе и продолжува да ги загрозува животите и средствата за егзистенција во целиот свет. Причината за тоа е многу неуспеси, празнини и доцнења во подготовките и одговорот. Делумната причина е неуспехот да се учи од минатото“, посочи таа додавајќи дека мора да се преземат итни мерки.
„Постојат многу прегледи од претходните здравствени кризи кои содржат разумни препораки. Да, тие лежат собирајќи прашина во подрумот на Обединетите нации и на полиците на владите. Нашиот извештај покажува дека повеќето земји во светот, едноставно не биле подготвени за пандемијата“, рече Сирлиф.
Извор: Макфакс
Поврзани артикли