Asus внесува промени во својата ZenFone серија смартфони и претстави два нови модела.
ZenFone 8 Flip изгледа доста слично на минатогодишните модели, има голем екран и flip-out механизам за камерата, но во случајот на ZenFone 8 флегшипот, промените се очигледни и направен е редизајн на помалиот уред погоден за употреба со една рака. Може да се каже дека овој уред е како „iPhone mini со Android“.
ZenFone 8 чини 599, а ZenFone 8 Flip 799 евра. Двата уреда ги покренува Snapdragon 888 процесорот на Qualcomm и тука завршуваат сличностите. ZenFone 8 доби 5,9-инчен OLED екран со 1080p резолуција и брзина на освежување од 120Hz, а најдобриот модел ќе има 16GB RAM и 256GB внатрешна меморија. Исто така, уредот е отпорен на вода според IP68 стандардот. Двата уреди поддржуваат 5G мрежа.
ZenFone 8 има две задни камери позајмени од ZenFone 7 серијата, има стандардна широка 64 MP камера со оптичка стабилизација на сликата која креира 16 MP фотографии, а покрај неа е и ултрашироката камера од 12 MP. Однапред се наоѓа селфи камера од 12 MP. Уредот го напојува батерија од 4.000 mAh, која поддржува жичано полнење од 30W, додека безжичното не е овозможено. Полначот доаѓа во пакувањето со смартфонот, кој исто така има два стерео звучника и 3,5 милиметарски приклучок за слушалки.
ZenFone 8 Flip поседува многу поголем 6,67-инчен OLED екран со 1080p резолуција и брзина на освежување од 90Hz. Доби поголема батерија од 5000 mAh, која поддржува 30W жично полнење. Доаѓа со 8GB RAM и 256GB интерна меморија, но не е отпорен на вода. Неговата главна карактеристика е flip-out камерата. Станува збор за три камери позајмени од ZenFone 7, вклучувајќи ја и главна камерата од 64MP, ултраширока камера од 12MP и телефото камера од 8 MP со 3х оптички зум. Модулот има поиздржлив мотор кој може да поднесе до 300.000 вртежи.