Шефот на фармацевтската компанија „Бионтек“, Угур Сахин говорејќи на Самитот на извршни директори во организација на „Волстрит џурнал“, откри кога светот може да се ослободи од заштитни маски, карантин и другите заштитни мерки, и да се врати во „нормалниот“ живот.

– Треба да обезбедиме навистина високо ниво на вакцинација низ целиот свет. Во спротивно, никој нема да биде безбеден, рече Сахин и додаде дека пандемијата ќе заврши само кога целиот свет ќе достигне ниво на имунитет на стадо.

– До средината на 2022 година, дури и многу густонаселени региони, како што е Индија, може да постигнат висок степен на вакцинација и имунитет на стадо. Во следните 12 месеци ќе видиме се поголем број на индустриски, сиромашни и земји во развој кои ќе успеат да ја постигнат оваа цел, додаде Сахин.

За да се постигнат овие цели, ќе биде потребно да се зголеми производството на вакцини, но и да се почне мешање на различни вакцини против Ковид-19.

– Колку повеќе вакцини имаме, толку подобро … Теоретски можеме да ги мешаме затоа што на крајот нашата цел е да постигнеме имунитет на стадо. Сакаме да имаме што повеќе вакцинирани луѓе, додаде Озлем Туречи, коосновач на компанијата и главна лекарка во Бионтек.

Таа исто така откри дека тие водат преговори со Кина со цел вакцината на Фајзер/Бионтек да биде достапна во земјата како еден вид додаток на кинеските вакцини, особено за вакцинирање на стари лица.