Владата на Јапонија одлучила да издвои 370 милијарди јени (над 3,4 милијарди долари) за проекти насочени кон создавање инфраструктура за чиста водородна енергија, објави новинската агенција Кјодо.
Државната агенција за развој на нови видови на енергија и индустриски технологии НЕДО ќе биде задолжена за распределбата на овие средства, а анализата и евалуацијата на проектите им се доверени на група експерти во Министерството за економија, трговија и индустрија.
Целта е да се развие практична технологија за втечнување на водородот, мрежи за негова испорака до потрошувачите и производство на водород од вода со употреба на еколошки прифатливи обновливи извори на енергија.
Финансиски средства се очекува да бидат издвоени за намалување на трошоците за изградба на фармите со ветерници и создавање батерии од новата генерација.
Пријавените проекти треба да започнат до октомври годинава. Јапонската влада претходно одлучи да издвои 18,4 милијарди долари за развој на технологии кои ќе овозможат целосен прекин на емисијата на стакленички гасови од индустријата и од автомобилите. Се очекува тој план да се реализира до 2050 година.