Само една доза вакцина на „Фајзер“ или „Астра зенека“ може да го намали преносот на коронавирусот речиси 50 проценти во истото домаќинство, каде што ризикот од инфекција е многу висок, според студијата на Англиската агенција за јавно здравје (PHE), чии резултати беа објавени денес.
Истражувањето покажа дека луѓето што се заразуваат од вирусот три недели по примањето на првата доза од вакцината на „Фајзер“ или „Астразенека“ имаат од 38 до 49 проценти помалку шанси да им ја пренесат заразата на членовите од истото домаќинство отколку оние што не биле вакцинирани.
Ова ниво на заштита е забележано околу четиринаесеттиот ден по вакцинирањето и е слично без оглед на возраста на вакцинираното лице или членовите на неговото семејство.
Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, смета дека тоа се фантастични вести.
„Веќе знаевме дека вакцините спасуваат животи, но оваа студија, најсеопфатна во реални околности, исто така укажува на намален пренос на овој смртоносен вирус“, рече тој.
Првата доза од вакцината исто така ја спречува можноста за развој на симптоматска форма на болеста. Имено, во рок од четири недели по приемот на првата доза на која било вакцина, тој ризик е намален 60-65 проценти.
Во студијата се вклучени повеќе од 57.000 контакти од 24.000 домаќинства, во кои вакцинираното лице последователно било позитивно на коронавирусот, а направена е и споредба со речиси милион контакти на лица што не биле вакцинирани.
Поврзани артикли