Во светот досега се дадени повеќе од милијарда дози вакцини против ковид 19, објави „Блумберг“, напоменувајќи дека дистрибуцијата на вакцини не е рамноправна.
Првите сто милиони дози се раздадени за 61 ден, а последните сто за само пет дена, што покажува дека дошло до значително забрзување на процесот на имунизација.
Досега се дадени доволно дози за целосна вакцинација на 6,6 % од светската популација, но, дистрибуцијата на вакцините не е рамноправна. Земјите со најголеми приходи спроведуваат имунизација 25 пати побрзо од оние посиромашните.
Последните денови биле дадени околу 18,3 милиони дози вакцини дневно, но ако се продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни години за да се постигне значителното ниво за глобален имунитет.
Дистрибуцијата на милијарди вакцини ширум светот за да се спречи ширењето на ковид 19, ќе биде еден од најголемите логистички предизвици, пренесува „Блумберг“.