Доколку сè уште не сте ја примиле вакцината против коронавирусот, можеби ве интересира како да се подготвите, па и што да јадете и пиете пред и по вакцинацијата.

Еве што советуваат нутриционистите:

И во двата случаи избегнувајте го алкохолот

Додека некои нема да имаат посебни нуспојави по вакцинацијата, други можеби ќе почувствуваат главоболка, умор, болка во мускулите, мачнини… Нутриционистот Синтија Сас дава повеќе совети како да си ги олесните себеси нуспојавите преку правилен избор на намирници, но исто така советува и што треба да избегнувате.

Дури и само малку алкохол може лесно да предизвика дехидратација, што ќе ги зголеми нуспојавите. Алкохолот е поврзан и со негативното влијание на имунитетот, па поради тоа треба целосно да го избегнувате. Исто така доколку сте мамурни, нема да можете да препознаете дали станува збор за последици предизвикани од вакцината или пак од алкохолот.

Внимавајте што јадете пред да си легнете

Доколку сте одморени, вашиот имунитет ќе работи најдобро. Според истражувањата, доколку внесувате премалку растителни влакна, заситени маснотии и шеќери, тоа може да влијае на испрекинатиот сон. Спротивно на тоа, растителните влакна ќе ви помогнат да имате подлабок и поквалитетен сон. Салатата, маслиновото масло, лосос и цитрусното овошје можат да ви го овозможат тоа. Доколку сте гладни пред спиење, изедете малку овошје или пак јаткасти плодови.

Не заборавајте да пиете вода

Водата треба да ја пиете пред и по вакцинацијата, а секако дека е најдобро да ја пиете во текот на целиот ден – од моментот кога ќе се разбудите до одењето на спиење. Доколку не ја обожувате водата, додадете ѝ малку лимон или пак некоја друга билка.

Бирајте здрави намирници

Истражувањето покажало дека во текот на пандемијата сè повеќе посегнуваме по нездрава храна. Но, таа може да поттикне воспаленија и да влијае лошо на нашиот имунитет. Дека здравите навики се поврзани и со подобрата превенција од болеста ковид-19, објавиле и нутриционистите по истражувањата и тоа во магазинот „British Journal of Nutrition“, а за да го заштитите здравјето, тие советуваат да изберете намирници полни со нутриенти и противвоспалителни дејства. Тоа се овошјето и зеленчукот.

Пред вакцинацијата јадете избалансиран оброк

Иако губењето на свеста не е една од нуспојавите која се споменува, американскиот Центар за контрола и превенција на болести сепак известува дека тоа може да се случи, без оглед за која вакцина станува збор. Вообичаено последицата за тоа е анксиозноста, но за да го спречите тоа јадете нешто и напијте се малку вода пред вакцинацијата.

Набавете си намирници пред вакцинацијата

Кај некои од луѓето како нуспојави ќе се појават мачнини, па поради тоа добро е да се снабдите со намирници коишто лесно се варат. Добра опција се супите од зеленчук, банана, диња, кафеав ориз или пак компир.

Извор: Ordinacija.hr