По скандалот со боингот „737 Макс“, се појави нов проблем за оваа американска авиокомпанија. Поранешен вработен тврди дека не работи системот за кислород во авионот „787 дримлајнер“. Џон Барнет, кој 32 години работел во една од фабриките за авионите „боинг“, вели дека секој од патниците во авионот „787 дримлајнер“ може да остане без кислород доколку дојде до нагли промени на висината за време на летот.

Како што пренесе Би-би-си, до ненадејна декомпресија доаѓа многу ретко, но сепак се случува. Тогаш од покривот на авионот се спуштаат маските со кислород, кои на патниците би требало да им обезбедат кислород, за да нема фатални последици.

Барнет тврди дека дури една четвртина од системот за кислород во Боингот „787 дримлајнер“ има грешка и најверојатно не би работел кога тоа би било неопходно. Тој тврди и дека неисправнитеделови намерно се вградени во авионот на производната трака во една фабрика.

Работата на Барнет во фабриката за „боинг“ била контрола на квалитет. Работел во една од најголемите фабрики, компанијата во Норт Чарлстоун во Јужна Каролина.