Глобалниот вишок на залихи на нафта создадени за време на пандемијата е скоро исцрпен, пишува Bloomberg, повикувајќи се на податоци на економисти од Citigroup и Меѓународната агенција за енергија (IЕА)
Според IEA, во месец февруари во нафтените магацини останале помалку од една петтина од резервите акумулирани поради намалувањето на потрошувачката предизвикана од пандемијата на коронавирус. Резервите на сурова нафта се претежно во Кина, која ги зачувала за нови рафинерии на нафта, наведува Bloomberg.
Економистите забележуваат дека реорганизацијата на светскиот пазар и зголемената побарувачка за гориво, заедно со закрепнувањето на светската економија, веќе доведоа до зголемување на цените на нафтата на 67 долари за барел.
Минатата недела цените на нафтата се зголемија за повеќе од пет проценти на светските берзи бидејќи знаците за забрзано заздравување на најголемите економии во светот се поддржани од очекувањата за посилна побарувачка за „црното злато“.
Така, на пазарот во Лондон, минатата недела цената на барелот скокна за 6,1 проценти или на 66,77 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 5,3 проценти, односно 63,13 долари.
Поддршката на цените е овозможена од добрите индикатори од најголемите светски економии и потрошувачи на нафта – Кина и САД.