Норвежаните се изложени на поголем ризик од смрт ако бидат вакцинирани со вакцината на „АстраЗенека“ отколку ако се заразат со Ковид-19, заклучи Националниот институт за јавно здравје (ФХИ) во својата анализа на вакцината претходно поврзана со сериозни компликации во форма на ретко згрутчување на крвта и крварење при низок број на тромбоцити, пишува весникот „Верденс ганг“.
„Воздржувањето од вакцината може да спречи до 10 смртни случаи поврзани со несаканите ефекти,“ соопшти ФХИ.
Норвешка досега забележала пет случаи на сериозни нуспојави пријавени непосредно по вакцинацијата, со три смртни случаи. ФХИ ја пресметал стапката на смртност од вакцината на „Астра зенека“, која изнесува 2,3 лица на 100.000 вакцинирани.
ФХИ нагласи дека продолжувањето на вакцинацијата ќе ги изложи помладите жени на неразумно висок ризик со оглед на сегашните релативно ниски нивоа на инфекција во Норвешка. Освен тоа, институтот е против нудење на вакцината на доброволна основа, што е предложено и во Норвешка и во другите скандинавски земји.
„Ние веруваме дека таквата алтернатива е неетичка и со висок ризик дека оние што ќе направат таков избор не го разбрале целосно ризикот на кој се изложени“, велат од институтот.
ФХИ смета дека препорачувањето на вакцината на „Астра зенека“ за понатамошна употреба може да доведе до помала доверба кај населението во програмите за вакцинација воопшто.
Неодамнешното истражување на ФХИ во соработка со „Мајндшер“ и „Норстат“ покажа дека 76 отсто од испитаниците биле скептични кон барем една од вакцините, иако 82 отсто првично биле со позитивен став кон вакцинирањето. Од вакцините, онаа на „Астра зенека“ наиде на највисоко ниво на скептицизам од 99 отсто, во споредба со „Модерна“ (9 отсто) и „Фајзер“ (8 отсто).
Сепак, владата верува дека е рано целосно да се забрани вакцината и, наместо тоа, почнува нова експертска група за понатамошно анализирање на вакцините на „Астра зенека“ и на „Џонсон енд Џонсон“, која предизвика слични проблеми.
Во очекување на конечна одлука, Норвешка одлучи да ги дистрибуира своите залихи од „Астра зенека“ во нордиски земји кои всушност сакаат да ги користат. Од норвешките вакцини, Шведска ќе позајми 200.000, а 16.000 ќе одат во Исланд.
Шведската агенција за јавно здравје, од друга страна, направи поинаква проценка на вакцината на „Астра зенека“ и заклучи дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците и несаканите ефекти. Шведскиот државен епидемиолог Андерс Тегнел посочи дека спорната вакцина е со висок заштитен ефект и го намалува ризикот од сериозно заболување и смрт, особено кај постарите лица.
Претходно десетици земји привремено ја запреа употребата на вакцината на „Астра зенека“ поради извештаите за несакани ефекти. Многу од нив, како Шведска, оттогаш продолжија со користење на вакцината, наведувајќи ги како причина лошата состојба со стапката на зараза и недостигот од други вакцини.
Извор: Макфакс