Volkswagen е подготвен да го покори автомобилскиот свет со погон на батерии 

Она што во поблиското и подалечно минато за светот на автомобилите претставуваа модели како Polo, Golf и Passat, новото семејство на возила наречено ID треба да биде во иднина. Судејќи според редоследот на настаните, тоа е веќе така со оглед дека еден од членовите на семејството штотуку ја освои престижната награда – Светски автомобил на годината 2021. Станува збор за компактниот кросовер ID.4, а оваа награда е прва за германскиот гигант од 2009 година, кога победата ја однесе Golf.

Досегашни награди за Volkswagen во изборот за Светски автомобил на годината:

  • 2013 World Car of the Year – Volkswagen Golf
  • 2012 World Car of the Year – Volkswagen UP!
  • 2010 World Car of the Year – Volkswagen Polo
  • 2009 World Car of the Year – Volkswagen Golf VI

Награди од овогодинешното издание на изборот, покрај ID.4, добија и Mercedes S-Class во категоријата луксузни возила, Porsche 911 Turbo меѓу автомобили со високи перформанси, Honda E во категоријата на мали градски возила, а наградата за дизајн му припадна на Land Rover Defender. Од претходно е позната дека за Светска личност број 1 во автомобилскиот свет за 2021 година е прогласен Акио Тојода, првиот човек на Toyota.

Ралф Брандстадер, еден од челниците на Volkswagen, за новинарите изјави дека е многу горд на наградата и дека е една од најважните во долгата историја на компанијата.

„Особено сме задоволни со одлуката ID.4 да биде прогласен за „Светски автомобил на годината 2021“. Не само затоа што е една од најважните автомобилски награди во светот – туку затоа што жирито на овој начин награди и одлична идеја и одличен тим. Убедлив автомобил, одлична идеја – и наградата „Светски автомобил на годината“? Се заедно е добро за нас!“, вели Ралф Брандстадер.

Помалиот брат на ID.4, моделот ID.3 веќе има привлечено над 150.000 клиенти, а Volkswagen се надева дека ќе стане најголемиот производител на електрични возила до крајот на оваа деценија.

VW ID.4 наскоро ќе започне да се произведува и во САД, во фабриката во државата Тенеси, каде досега се произведуваше моделот Passat.

Жирито на изборот се состои од 93 автомобилски новинари од 28 земји, а во изборот учествуваа вкупно 24 автомобили. Минатата година оваа титула беше доделена на Kia Telluride.