Јужна Кореја официјално го претстави својот нов суперсоничен борбен авион од домашно производство, приклучувајќи се на ексклузивниот клуб на гиганти од воената авијација. 

Кога е оперативен, јужнокорејскиот борбен авион KF-21 ќе биде вооружен со различни проектили воздух-воздух и земја-земја, а можеби дури и крстосувачки проектили кои се лансираат од воздух.

Борбениот авион ќе го покренуваат два мотора, а ќе се произведува во две верзии, со едно и две седишта. Изборот ќе зависи од мисиите.

„Почна новата ера на независна одбрана, ова е историски момент во развојот на јужнокорејската авијација“, рече јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин.

Авионот KF-21 го носи прекарот Boramae, што значи „млад јастреб трениран за лов“. Ќе се произведува во фабриката Koera Aerospace Industries во Сачеон во јужната провинција Гјонгсанг.

Мун рече дека масовното производство ќе почне по успешните тестови на копно и пробните летови. Целта е 40 авиони да бидат во функција до 2028 година, а 120 до 2032 година. Благодарение на новиот авион, во Јужна Кореја ќе бидат отворени 10.000 нови работни места.

Првите три прототипи за тестирање и развој ќе бидат направени до крајот на оваа година, а следните три во првата половина на 2022 година.

Јужна Кореја е осмата земја во светот која развила напреден суперсоничен авион.