Европски и канадски научници можеби пронајдоа објаснување за ретките, но сериозни појави на крвни згрутчувања кај некои луѓе вакцинирани со вакцината на АстраЗенека, пишува британската агенција Reuters.
Веруваат дека феноменот е сличен на оној што ретко се случува со лекот хепарин за „разредување“ на крвта, познато како тромбоцитопенија предизвикана од хепарин (ХИТ). Во тој облик на тромбоцитопенија, лекот го активира имунолошкиот систем на производство антитела кои активираат тромбоцити кои инаку предизвикуваат згрутчување на крвта.
И други лекови освен хепаринот, исто така можат да предизвикаат згручтувања кои се многу слични на ХИТ, а научниците сметаат дека во ретки случаи и вакцината на АстраЗенека може да биде таков „активатор“.
Кај четири претходно здрави лица кои ја примиле вакцината на АстраЗенека се развиле потенцијално смртоносни згрутчувања, а имале ист вид антитела кои активираат тромбоцити и предизвикуваат формирање на згрутчувања во тромбоцитопенија предизвикана од хепаринот, напишале германските, австриските и канадските научници во студијата објавена во понеделникот на Research Square.
Трудот не ја поминал научната рецензија. Дваесет вакцинирани лица кои не развиле згрутчувања немале такви антитела. Во коментарот објавен заедно со студијата се напоменува дека тромбоцитопенијата предизвикана од лекови може да се лекува ако точно се дијагностицира.
Милиони луѓе ја примија вакцината без никакви проблеми, а европските регулатори и Светската здравствена организација објавија дека придобивките од АстраЗенека ги надминуваат ризиците.