Цената на глобалното затоплување далеку ќе ги надмине трошоците за брзо намалување на емисиите на штетни гасови, објавија повеќе од 700 економисти од целиот свет во досега невиден повик за акција за климата.
Големо меѓународно истражување покажа дека скоро три четвртини од економистите кои учествувале во него сметаат дека е потребна „непосредна и драстична“ акција за ограничување на ефектите од климатските промени, предупредувајќи дека трошоците од неуспехот да се намали загадувањето на јаглерод брзо ќе достигнат трилиони долари годишно.
Скоро девет од 10 (89 проценти) изјавија дека веруваат дека климатските промени ќе ја влошат глобалната нееднаквост и се скоро едногласни, сметајќи дека придобивките од нето-емисијата на нула ќе бидат многу поголеми од трошоците до средината на векот.
– Луѓето кои ја поминуваат својата кариера проучувајќи ја нашата економија се согласуваат дека климатските промени ќе бидат скапи, потенцијално уништувачки, нагласи Питер Хауард, економски директор на Институтот за интегритет на политики на Правниот факултет во Њујорк.
– Овие откритија покажуваат јасна економска основа за итна акција за климата, додава Хауард.
Со години, економистите се поделени околу односот трошок и корист од финансирање за климатските активности, дури и научници добитници на Нобелова награда како Вилијам Нордхаус тврдат дека силното дејствување мора да се балансира наспроти трошоците.
Повеќето традиционални модели за трошење на климата се фокусираат на промените во БДП во дадена година – таканареченото „влијание на ниво“.
Консензусот постигнат од испитаниците сугерира дека предвиденото економско влијание на климатските промени ќе достигне 1,7 трилиони долари годишно до 2025 година и приближно 30 трилиони долари годишно до 2075 година.
Спротивно на тоа, 65 проценти од испитаниците велат дека расходите за обновливи извори на енергија, како што се ветерот и сонцето, ќе продолжат да паѓаат во текот на следната деценија и проценуваат дека половина од светскиот енергетски „микс“ ќе биде зелен до 2050 година.
Две третини од анкетираните економисти се согласија дека придобивките од достигнување на нето-емисии на нула до средината на векот – како што ветија неколку големи загадувачи – ќе ги надминат трошоците.
Вкупно 80 проценти од испитаниците изјавиле дека нивото на климатска загриженост е зголемено во последните пет години.
Авторите на студијата изразија надеж дека наодите ќе помогнат да се информираат креаторите на политиката кога станува збор за расходи за идните напори.
Поврзани артикли