Долг престој во Вселената, како и маратонското пливање, кога телото е во легната положба, можат да го смалат срцето, тврдат научници од Југозападниот универзитет на Тексас.
Научниците во своето истражување ги споредиле ефектите од едногодишниот престој во Вселената врз телото на астронаутот Скот Кели, со оние врз телото на пливачот Беноа Лекомте кој се обиде да преплива преку Тихиот Океан. И во двата случаја, постои недостаток на доволно оптоварување на срцето од гравитација, што предизвикува атрофија на самиот орган. Во ниту еден случај, вежбите не биле доволни за да се компензираат промените во срцето во тој миг.
Испитувањата ги предводеше д-р Бенџамин Левајн – професор на Медицинскиот центар при Универзитетот во Далас. Трудот е објавен во списанието „Циркулација“ (Circulation). Овие истражувања се важни за патувањата на далечина – како што се и експедициите на Марс што NASA ги планира за следните десетлетија.
„Една од работите што ги заклучивме од долгогодишно следење е тоа дека, срцето е неверојатно „пластично“. Ова значи дека тоа се прилагодува на товарот… Во Вселената, се случува срцето повеќе да не мора да пумпа крв нагоре, бидејќи нема гравитација“, објаснува проф Левајн.
Астронаутот Скот Кели мина 340 дена на Меѓународната вселенска станица (МВС). Пливачот Беноа Лекомте пак, ги почна своите проби на Атлантикот, па го започна својот втор потфат на Тихиот Океан, на 5 јуни 2018 година. За 159 дена, тој исплива 2.821 километар и се откажа.
Подолгото пливање влијае на срцето бидејќи го менува товарот што го става гравитацијата врз телото во водата кога тоа е во легната, а не во исправена положба. Лекомте пливал во просек 5,8 часа на ден и спиел осум часа ноќе. Тоа значи дека тој бил во лежечка положба секој ден меѓу 9 и 17 часа.
Затоа, проф. Левајн верува дека потопувањето во вода подолг временски период е одличен пример за симулирање на престој во Вселената. Имено, кај двајцата мажи, срцето не морало да пумпа крв нагоре, па затоа, тоа почнува „да слабее“, односно да се намалува.
„Гледајќи во левата комора (од срцето), гледаме загуба од 20 до 25 отсто од вкупната маса за четири или пет месеци, додека пливаше Лекомте. Кај капетан Кели пак, забележавме губење на масата од 19 и 27 насто за една година“, појасни д-р Џејмс Мекнамара од Медицинскиот центар.
На почетокот на испитувањата, научниците се прашуваа – дали вежбите што ги прави пливачот Лекомте во водата ќе спречи губење на срцевата маса?
„Бев апсолутно убеден дека срцето на Беноа нема да атрофира. И тоа е најубавото нешто во науката – најмногу откриваш кога ќе наидеш на нешто што не си го очекувал! Излезе дека кога пливате толку многу часови на ден, не е исто како кога Мајкл Фелпс плива, затоа што тој плива со сите сили“, вели проф. Левајн.
Во случајот на Лекомте, тоа бил релативно лесно пливање. – Немаше доволно физичка активност. Ниските нивоа на физичка активност не го штитат срцето доволно за да се прилагоди на недостатокот од гравитација, појаснува проф. Левајн.
Прилагодувањето на срцето кон новите услови не е долгорочно, па срцата на мажите им се вратија во нормала одредено време откога стапнаа на цврста почва. Но, преткоморите на срцето се шират во Вселената како резултат на промените во крвотокот и ова може да доведе до состојба наречена атријална фибрилација, кога срцето чука брзо и неправилно и може да ја зголеми опаснооста од срцев удар.
Постои и друга опасност за срцето за време на патувањето во Вселената. Поголем дел од зрачењето може да ја забрза коронарната срцева болест и затоа астронаутите одат на прегледи поради можна атеросклероза. Но, астронаутите кои летаат во Вселената се претежно средовечни луѓе, а проблемот со стареењето на ѕидот на крвните садови се јавува во староста. Ова е важно, зашто срцев удар во Вселената би било катастрофа.
Проф. Левајн е дел од програмата на NASA наречена „Сифер“, којашто ќе испрати уште 10 астронаути во Вселената за да ги истражат влијанијата од подолгите вселенски мисии врз човекот.
Поврзани артикли