Моделот на Humble Motors ќе развива 1.020 коњски сили.
Американската компанија Humble Motors планира да понуди кросовер кој работи на соларни батерии. Според Insideevs, автомобилот е именуван како One и може да превезува 4 лица.
Главни конкуренти на кросоверот ќе бидат електричните автомобили на Tesla, Lucid и Rivian. Цените на моделот во неговата основна верзија ќе започнуваат од 109.000 долари, а производителот веќе прифаќа нарачки. Потребниот депозит е 300 долари. Сериското производство ќе започне во 2024 година, а првите единици на клиентите ќе им бидат доставени година дена подоцна.
Овој кросовер засега постои само на „хартија“ односно како виртуелен концепт на компанијата. Возилото треба да добие покрив со соларни панели, но главниот извор на енергија ќе биде батеријата на полнење, која се полни од електричната мрежа. Коефициентот на отпор ќе биде 0,25.
Компанијата додава дека моќноста на One ќе биде 1.020 КС, а автономијата со едно полнење треба да достигне 800 км. Динамичките карактеристики сè уште не се објавени, а посочените податоци се за топ верзијата.
Извор: Додај Гас