Германскиот министер без ресор, Хелге Браун предупредува на опасноста од „супер сој” што може да биде отпорен на вакцини против коронавирусот. Во интервју за „Билд”, тој оцени дека Германија во моментот е во најопасната фаза на пандемијата.
– За жал, сите стравови се покажаа точни. Третиот бран има потенцијал да биде полош од првиот, затоа што е предизвикан од позаразна мутација. Следните недели ќе бидат одлучувачки за тоа дали наскоро ќе можеме да ја ставиме пандемијата под контрола. Ако сега, паралелно со вакцинирањето расте и бројот на инфекции, тогаш расте и опасноста дека следната мутација ќе биде имуна на вакцината, објасни тој.
Германскиот министер вели дека со рано олабавување на мерките се загрозуваат шансите за нормално лето. Браун очекува дека ситуацијата ќе се подобри во мај, со напредокот на вакцинацијата и со потоплото време.