Земјите од Западен Балкан имаат мал потенцијал да се спротивстават на негативните ефекти од лажните вести и дезинформациите, што главно се должи на состојбата на слобода на медиумите и образованието, се вели во извештајот на Институтот отворено општество во Софија.
На последното место во Индексот за медиумска писменост објавен од Институтот е Македонија, потоа Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Србија е на 29. место од 35 европски земји опфатени со истражувањето.
Финска, Данска, Естонија, Шведска и Ирска имаат најголем отпор кон лажни вести и дезинформации благодарение на квалитетот на образованието, слободата на медиумите и големата доверба кај луѓето, се вели во извештајот „Отпорност на лажни вести за време на инфодемијата на Ковид-19“.
Показатели на медиумска писменост што се користат во Индексот се слободата на медиумите, образованието, електронското учество и довербата во луѓето. За тоа беа користени податоци од Фридом хаус, Репортери без граници, ПИСА, ООН и Евростат. Слободата на медиумите и образованието беа од најголема вредност при бодувањето.