Угледно научно медицинско списание во Шпанија пред една недела објави студија која ги вознемири Шпанците.

Имено, Шпанија во компаративната анализа на седум развиени земји (САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Јужна Кореја и Шпанија) беше ставена во земји со најголем број на случаи на коронавирус кај малолетници и со највисока стапка на смртност од Ковид-19 кај деца и млади под 19 години.

Според податоците на министерството за здравство, користени во студијата, 54 деца и млади лица на возраст под 19 години починале во Шпанија од Ковид-19 од март 2020 година до февруари оваа година.

Сепак, педијатриските здруженија што се занимаваат со овие случаи ги оспорија ваквите податоци, а шпанското Министерство за здравство им го даде тоа право и вели дека податоците за децата кои починале од Ковид-19 биле неправилно запишани.

„Највисоката стапка на смртност е забележана во Шпанија, 0,64 кај деца под 9 години и 0,53 кај деца и млади на возраст од 10 до 19 години“, се вели во студијата, но шпанските педијатри веднаш предупредија дека бројката од 54 деца кои починале од Ковид-19 не е точна туку дека се починати само седум.

“И Шпанското здружение за детски инфективни болести и шпанското друштво за детска интензивна нега водат евиденција за педијатриски пациенти третирани во Шпанија со инфекција со вирусот САРС-КоВ-2 и последователни компликации. Досега, во овие регистри се евидентирани само седум смртни случаи а податоците од научниот напис се погрешни “, забележува министерството за здравство.

Како одговор на медиумските истражувања, министерството за здравство на Шпанија призна дека некои локални самоуправи направиле грешка при пријавување смртни случаи на малолетници и посочија дека веќе работат на исправување на грешките.

Иако ова објаснување може да изгледа чудно, министерството за здравство не го негираше тоа, но ги призна грешките во евиденцијата.