Меѓународен тим на научници предводен од Фриџер Гримсон од Универзитетот во Виена најде досега непознат фосилизиран вид мува во јамата Месел во Германија, која е под заштита на УНЕСКО.

Во стомакот на мувата е најден полен од разни растенија, што им овозможи на научниците увид во начинот на исхрана, екологијата во тоа време и улогата на мувата како опрашувач. Студијата е објавена во списанието Current Biology.

Поленот најден во стомакот на мувата од родот Hirmoneura им овозможи на научниците да ја реконструираат нејзината околина, биолошката интеракција помеѓу растенијата и мувата, како и однесувањето на мувата при земањето храна. Денес, во типични опрашувачи се вбројуваат пчелите, пеперутките и бумбарите кои делумно се хранат со полен. Помалку е познато дека мувите исто така играат улога во процесот на опрашување.

„Содржината на полен во стомакот на фосилизираната мува доведува до заклучок дека мувите се хранеле со полен пред 47 милиони години и биле важни за ширењето на поленот од различни растителни таксони“, објаснува Гримсон од Одделот за ботаника и истражување на биодиверзитетот.

„Во старите суптропски и тропски екосистеми, мувите веројатно биле поважни опрашувачи од пчелите“, смета тој.

Во стомакот на мувата најден е полен од водна врба и моминско грозје. Водната врба расте во мочурливите и крајбрежните подрачја на езерата, додека моминското грозје е ползавец што расте на дрвјата. Се претпоставува дека мувата не минувала големи растојанија во потрага по храна и дека барала полен од растенијата во областа.

Извор: B92.net