Хакерска група успеала да ја преземе контролата врз безбедносни камери во болници, училишта, компании и затвори низ САД.
Како што пренесува агенцијата АП, тие најпрво го пробиле системот на американската компанија „Веркада“, која соработува со сите засегнати институции.
Агенцијата наведува дека калифорниската компанија „Веркада“ го потврдила нападот во средата и соопштила дека го истражува обемот на злоупотреба, односно дека за случајот ги известила полицијата и своите корисници.
Швајцарскиот хакер Тил Котман, член на групата која себеси се нарекува „АПТ-69420 Арсон кетс“, во онлајн изјава за АП потврдил дека за овој напад е одговорна мала група на хакери со хомосексуална ориентација, зад која не стои ниту една земја, а чии цели се желба за забава, слободна сексуална определба и подобар свет.
Тој за агенцијата изјавил дека хакерите добиле пристап до безбедносните системи благодарение на фактот дека групата користела супер администраторски налог од компанијата „Веркада“, а од оваа компанија рекоа дека во моментов ги блокираат сите сметки на внатрешните администратори со цел да спречат нов неовластен пристап.
АП пренесува дека хакерите биле во можност во рок од два дена во живо да следат потенцијално десетици илјади камери, вклучително и многу чувствителни локации, како што се болници и училишта, а Котман изјавил дека со овој потег, хакерите сакале да привлечат внимание за опасностите кои произлегуваат од масовниот надзор.
Поврзани артикли