Вакцините против коронавирусот во најголем дел ги примаат граѓаните на најбогатите земји во светот, а ако тој тренд продолжи, пандемијата би можела да потрае со години, предупредуваат здравствените експерти од американскиот Универзитет Дјук.
Според податоците на Обединетите нации, до средината на февруари вакцина примиле 191 милиони луѓе, но три четвртини од нив се граѓани на само 10 земји. Во истиот период, во 130 земји ширум светот во кои живеат околу 2 и пол милијарди луѓе немаат вакцинирано ниту едно лице.
Експертот за јавно здравство и професор на американскиот универзитет Дјук, Гевин Јеми ги повикува богатите држави да престанат со „натрупување“ на залихи на вакцини против коронавирусот кои се наменети само за нивните граѓани.
“An outbreak anywhere can become an outbreak everywhere.”
Wealthy countries are hoarding COVID-19 vaccine supplies, but Professor Gavin Yamey explains why it’s in their best interests to share. https://t.co/3Vfet1RKqO
— Duke Alumni (@DukeAlumni) February 28, 2021
Тој за престижниот магазин Nature порача дека „вакциналниот национализам“ е себичен и самопоразителен затоа што во глобалното здравство постои уверување дека појавата на пандемијата било каде во светот може да резултира со нејзино избивање – апсолутно секаде.
„Поради тоа, на сите ни е во интерес да почнеме да ги споделуваме дозите со сите затоа што само така може да се гарантира глобално снабдување со вакцини“, стои во магазинот Nature.