Работата од дома од удобен кревет можеби звучи привлечно, но кога од душекот создавате канцеларија, вие ризикувате појава на сериозни здравствени проблеми – и физички и ментални.

За многумина, работата од дома е еквивалентна на работа во кревет. Наместо да станете од него, да се облечете и да излезете од дома, доволно е само да појдете до купатилото, да се измиете, да го земете лаптопот и да се вратите под топлата прекривка.

Според најновите анкети, изненадувачки голем број млади луѓе во текот на пандемијата ја извршувале својата работа токму од кревет, што со себе „влече“ здравствени проблеми.

Експертите велат дека тоа не е добро за вашето тело бидејќи е многу важно да ја менувате положбата на телото. Вратот, грбот и колковите стануваат оптоварени кога лежите или седите на мека површина.

Голема е веројатноста дека младите луѓе ќе станат жртви на овие навики бидејќи можеби нема веднаш да ги почувствуват. Во зависност од тоа каков начин на живот сте воделе, зависи и колкава ќе биде штетата кога ќе остарeте.

Листата на здравствени проблеми се движи од чести главоболки па сè до трајна вкочанетост во грбот, артритис како и болки во коските, лигаментите и мускулите на вратот.

Но, со работењето во кревет не го уништувате само вашето тело – тоа негативно влијае и на вашата продуктивност и навиките за спиење.

„Ние го препорачуваме креветот за 3 работи – спиење, секс и одмор кога сте болни. И тоа е тоа“, вели Рејчел Салас, невролог и експерт за спиење на универзитетот Џон Хопкинс во Мериленд.

„Колку повеќе гледате ТВ во кревет и играте видео игри, а помалку спиете, вашиот мозок се учи дека е во ред да правите било каква активност во креветот“, додава таа.

Хигиената на спиење е во суштина најдобрата пракса која се однесува на одморот во кревет. На пример, носењето пижами навечер е добра хигиена на спиење затоа што му кажува на телото дека е време да се „исклучи“. Од друга страна, користењето телефон или испраќањето мејлови во кревет е лоша хигиена за спиење.

Значи, ако користите компјутер, телефон, „Зум“ и сè што ве охрабрува да го држите екранот вклучен, вашиот мозок и тело престануваат да го поврзуваат креветот со одмор.

И тоа е причината зошто пандемијата нè доведе до „коронасомнија“, додава Салас, алудирајќи на глобалниот скок на проблеми со несоница и нарушувања во спиењето.

Извор: Republika.rs