Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, се надева дека дополнителна, трета доза од оваа вакцина против Ковид-19 може дополнително да го зајакне имунолошкиот одговор и на тој начин да обезбеди подобра заштита од новите варијанти на коронавирусот.
„Веруваме дека третата доза ќе го зајакне имунолошкиот одговор за 10 до 20 пати“, рече Бурла.
Новото истражување ќе ја следи безбедноста и ефикасноста на третата доза кај две возрасни групи. Луѓето од 18 до 55 години ќе учествуваат во едната група, а луѓето од 65 до 85 година во другата група. Тие исто така учествуваа во првичното клиничко испитување на „Фајзер“.
За време на оваа студија, учесниците добија две дози од вакцината во растојание од три недели. Истиот интервал на дозата е оној што моментално се препорачува.
Единечната доза вакцина на „Фајзер“ и “Бионтек“ против коронавирус го намалува бројот на асимптоматски инфекции и може значително да го намали ризикот од пренесување на вирусот, покажаа резултатите од британското истражување.
„Фајзер“ исто така планира да започне со тестирање за да утврди дали модифицираната верзија на вакцината дејствува против јужноафриканската варијанта на коронавирус. Како што мутира коронавирусот, така и вакцините ќе мора да се менуваат.
Истото се случува и со грипот, кој се менува од година во година, затоа вакцините против грип постојано се подобруваат за да бидат ефективни.
„Секоја година треба да се вакцинирате против грип, така ќе биде и со ковидот. За една година, ќе мора да отидете да се вакцинирате против ковид за да се заштитите една година“, рече Бурла.
Неговите изјави сугерираат дека Ковид-19 ќе остане меѓу нас дури и кога ќе заврши пандемијата. Покрај тоа, ќе бидат потребни дополнителни студии за да се утврди кога е најдобро време за повторно вакцинирање против коронавирус, пренесува „Ен-би-си њуз“.
Поврзани артикли