Според необјавена студија, вакцината против коронавирус, развиена од Фајзер и БиоНТек, може да заштити од инфекција, што може да го зголеми потенцијалот на лекот како инструмент за борба против пандемијата.
Досега клиничките испитувања покажаа само дека лекот ефикасно спречува развој на симптоми на болеста во 95 отсто од случаите, но остана нејасно дали вакцинираните лица сè уште можат да се заразат со вирусот и потоа да го пренесат на други.
Вакцината е „многу ефикасна“ во спречување на инфекции со коронавирус, се наведува во нацрт-студијата спроведена од БиоНТек и Фајзер, заедно со израелското Министерство за здравство.
Студијата, за која соопшти ДПА, беше преземена од израелската информативна веб-страница Ynet и не е официјално објавена во рецензиран научен журнал.
Истражувањето се базира врз израелски здравствени податоци за вакцинирани и невакцинирани лица. Неодамна беше објавено дека земјата регистрирала намалување на случаите од 94 отсто, благодарение на вакцината.