Storage Newsletter известува дека во текот на 2020. година биле испорачани над 333 милиони SSD дискови, со годишен раст на испораката од 20 проценти. Во истиот период, испораката на хард дисковите забележа пад од 18 проценти.
Со зголемувањето на испораката на SSD дискови, капацитетот на овие уреди забележа зголемување од 50,4 проценти со 207,39 егзабајти вкупни податоци. Тоа покажува колку брзо расте капацитетот на SSD-уредите и колку далеку се SSD зад хард дисковите, кога станува збор за капацитетот по драјв. Минатата година биле испорачани 259 милиони хард дискови, со над 1.018 егзабајти HDD складирање, што се околу пет пати повеќе податоци во однос на SSD-уредите, и покрај помалиот број испорачани уреди.
Клиентските M.2 SSD дискови забележале пораст од 11 проценти во споредба со претходниот квартал, додека испораката на деловни SSD дискови е намалена. Се очекува дека 2021 година би можела да биде значајна за прифаќањето на SSD-дискови, бидејќи хард дисковите ќе бидат практично елиминирани од потрошувачкиот пазар, барем кога станува збор за примарните уреди за складирање.
Продажбата на SSD дискови дополнително ќе бележи пораст во наредните години, по прифаќањето како главна опција за складирање во модерните конзоли, како што се PS5 и Xbox сериите.