Русија го обнови предлог законот кој ѝ овозможува на полицијата да пристапи до податоците за мобилната локација на граѓаните без судски налог.
Законот кој прв пат се разгледуваше во парламентот во 2019. година, а сега го ажурираше министерството за дигитален развој, ја олеснува потрагата по исчезнатите лица, образложено е во нацртот.
Новиот нацрт закон појаснува дека согласност на граѓанинот или судска нареба би им биле потребни на властите за да пристапат до содржината на пораките или разговорите, но не и за геолокацијата која би ја обезбедиле телеком операторите. Министерството тврди дека со предлог законот не се прекршуваат правилата за приватност.
„Нацртот е во склад со законодавството за личните податоци, затоа што координатите на геолокацијата не се лични податоци“, изјави заменик министерот за дигитален развој на Русија, Олег Иванов.
„Ако законот биде усвоен, агенциите за спроведување на законот лесно би можеле да проверат со кого било одредено лице, во кое време и колку долго“, изјави Артем Козљук, шеф на веб страницата која ја надгледува интернет слободата во Русија.
Извор: B92.net