Климатските промени можеби играле клучна улога во пренесувањето на коронавирусот на луѓето, принудувајќи одредени видови лилјаци во поблизок контакт со нив, покажува новата британска студија. Вирусот кој уби повеќе од два милиони луѓе и предизвика глобално затворање, веројатно потекнува од лилјаците во Југоисточна Азија, се додава во студијата.
Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ во своето истражување користеле податоци за температурата, врнежите од дожд и промените на вегетацијата во изминатите сто години за да моделираат движење на популацијата на десетици видови лилјаци врз основа на условите што им се потребни за да живеат.
Откриле дека во минатиот век, околу четириесет видови лилјаци се преселиле во јужна Кина, Лаос и Мјанмар, области каде што, според резултатите од генетска анализа, се појавил вирусот САРС-КоВ-2. Бидејќи секој вид лилјак носи просек од 2,7 коронавируси, научниците велат дека околу сто видови коронавирус сега се концентрирани во тоа „жариште“.
„ Бидејќи климата ги менуваше живеалиштата на лилјаците, некои видови напуштија една област и мигрираа во друга, носејќи ги своите вируси со себе“, рече главниот автор на студијата, Роберт Мејер, зоолог од Кембриџ.
„ Ова веројатно доведе до нови интеракции помеѓу животните и вирусите и придонесе за развој и пренесување на повеќе штетни вируси. Не тврдиме дека пандемија не би постоела без климатски промени, но без сомнение оваа миграција на лилјаците предизвикана од климата, не ѝ одмогна на пандемијата”, нагласи Мејер.
Иако точниот синџир на пренесување на вирусот САРС-КоВ-2 од животни на луѓе допрва треба да се утврди, Мејер забележува дека климатските промени и уништувањето на живеалиштата во Азија довеле до никогаш поблизок контакт со луѓето.
Студијата, објавена во списанието „Наука за целата животна средина“ (Science of the Total Environment), ги повика владите да ја ограничат урбаната експанзија и проширувањето на земјоделството бидејќи тоа ќе го намали ризикот од друга пандемична болест која е ендемична во дивиот свет.
„Фактот дека климатските промени можат да го забрзаат пренесувањето на патогени микроорганизми од животинскиот свет кај луѓето, треба да биде итен повик за будење за да се намалат штетните емисии на глобално ниво“, рече Камило Мори од Универзитетот на Хаваи, кој учествуваше во студијата.