Откако Samsung минатиот месец ја претстави новата генерација на својата најпопуларна серија паметни телефони, која веројатно ќе биде најсилниот адут на јужнокорејската компанија годинава, денес дојде редот на Xiaomi. Технолошката компанија, која се најде на третото место на глобалниот пазар на смартфони во последниот квартал по Apple и Samsung, но чија судбина е неизвесна откако Трамп ги прогласи за комунистичка воена компанија, денес ја претстави глобалната верзија на Mi 11 телефонот.
Веќе според спецификациите е јасно дека станува збор за модел кој цели кон самиот врв на пазарот, а чиј најголем квалитет е биде добро позната комбинација на квалитет и цена, што според растечките бројки на продажба, корисниците и тоа како го препознале. Во согласност со трендовите според кои најмоќните телефони имаат екрани поголеми од 6,5 инчи, Mi 11 моделот има голем 6,8-инчен OLED екран со QHD+ резолуција. Брзината на освежување на екранот е 120 Hz, така што очекуваме игрите и скролањето по него да бидат брзи, мазни и флуидни.
Во горниот лев агол на екранот има отвор за селфи камерата (резолуција од 20 MP), додека на задната страна има три камери. Резолуцијата на главната камера е 108 MP, под неа е камерата од 13 MP со ултра-широк објектив, додека покрај неа е камерата за макро фотографии со резолуција од 5 MP.
Што се однесува до хардверот, бидејќи станува збор за врвен модел, јасно е дека доаѓа со најмоќниот процесор Snapdragon на Qualcomm (модел 888) кој секако поддржува 5G. Xiaomi Mi 11 има 8 GB RAM меморија и ќе се продава во две верзии – едната со 128 GB меморија со цена од 749 евра, додека продажната цена на моделот со 256 GB простор за складирање изнесува 799 евра. Капацитетот на батеријата е 4600 mAh и поддржува брзо полнење – 55W ако се полни преку кабел, или 50W за безжично полнење.