Постарите луѓе подобро ја поднесуваат вакцината против коронавирусот отколку помладите, рече главната докторка геријатар во руското Министерство за здравство, Олга Ткачева.
Таа за „Росискаја газета“ изјави дека поблагите ефекти од вакцинацијата врз постарите лица се објаснуваат со спецификите на човечкиот имунолошки систем во различни возрасни групи.
„Имунолошкиот систем на младата личност веднаш реагира на туѓиот протеин и почнува да се бори против него. Со текот на годините, имунолошкиот систем ја губи оваа резерва и затоа веќе не покажува толку прекумерна реакција и вакцинацијата подобро се поднесува“, рече Ткачева.
Таа додаде дека во секој случај, заштитни антитела се развиваат и кај постарите лица по вакцинирањето, и покрај помалку активниот имунолошки одговор, пренесува агенцијата ТАСС.
„Студија за вакцината ’спутник В’ покажа ефикасност од 91 процент кај постарите лица. Тоа е добар резултат што покажува сигурна заштита“, рече Ткачева.
Таа рече дека досега околу 90 проценти од луѓето што живеат во домови за стари лица во Москва биле вакцинирани против коронавирусот.