Израелски научници тврдат дека ја пронашле слабоста на малигните клетки со висок степен на хромозомска нестабилност. Откритието може да помогне во спроведување нови третмани кај пациенти со карцином, објави The Jerusalem Post.
Во науката одамна се знае дека малигните клетки имаат невообичаен број на хромозоми. Тимот истражувачи предводени од Универзитетот во Тел Авив, како што велат, ја откриле „Ахиловата пета“ на тие клетки на ракот.
Д-р Ури Бен-Давид од Медицинскиот факултет „Саклер“ во Тел Авив, го водел истражувањето, па објаснува дека луѓето имаат 46 хромозоми (двапати по 23), но кај карциномот, тој број се менува бидејќи при клеточната делба се случува хромозомска сегрегација, што може да доведе до тн. аневплоидија. Тоа значи присуството на абнормален број на хромозоми во клетката и, не само што предизвикува вообичаени генетски нарушувања, туку е и одлика на клетките на ракот. Оваа појава е забележана кај околу 90 насто од туморите и 75 отсто од ракот на крв.
Научниот труд објавен во списанието Nature е изведен од истражувањата во лабораторијата на Бен-Давид на Универзитетот во Тел Авив, во соработка со шест лаборатории од САД, Германија, Холандија и Италија.
„Општ став е дека штом разбереме како аневплоидните клетки се разликуваат од нормалните и ја најдеме нивната „Ахилова пета“, тоа ќе овозможи селективно уништување на клетките на ракот. Ова откритие овозможува сосема нова насока во медицинските истражувања“, објаснува д-р Бен-Давид.
Засега има неколку лекови во клиничките испитувања кои ја инхибираат или забавуваат поделбата на хромозомите, но научниците сè уште не се во можност да утврдат кои пациенти ќе реагираат позитивно на тие лекови. Истражувањата на Бен-Давид посочуваат дека аневплоидијата може да им помогне на научниците да ја предвидат реакцијата на секој пациент.
Подробното проучување на хромозомските абнормалности, исто така, може да доведе до развој на поефикасни третмани на ракот во иднина, бидејќи лекарите ќе можат да вршат тестови за аневплоидија и соодветно да го развиваат потребниот третман.