Во раните денови на интернетот, посебно во доцните 1990-ти, како и во раните години на овој век, Tucows Downloads беше познат како еден од најсигурните сајтови за пребарување и преземање на софтвер. Во последниве години, оваа страница ја изгуби својата цел, бидејќи корисниците го софтверот преку продавниците за апликации или директно од страниците на производителот. Затоа Елиот Нос, извршен директор на Tucows, објави дека е одлучено засекогаш да згасне оваа веб-страница за преземање. Тој наведе дека Tucows Downloads е стар сајт, а старите страници претставуваат предизвик за одржување, и затоа го зголемуваат ризикот од потенцијални безбедносни ризици.
Сепак, оваа одлука не беше донесена „на брзина“. За овој потег се дискутираше уште пред пет години, но историската важност на страницата беше причина за одложување на неговото гаснење. Во 2016 година, компанијата одлучи Tucows Download во иднина да го третира како јавен сервис, а не како приватен сервис што носи пари. Од сајтот се отстранети сите реклами, што целосно ја маргинализира неговата улога во финансиското работење на компанијата. На крајот, одлуката за гаснењето беше донесена затоа што одржувањето на сајтот Tucows Downloads одвлекуваше премногу ресурси од другите попрофитабилни делови на компанијата.
За среќа, носталгичарите и натаму ќе можат да пристапат до сајтот преку проектот Internet Archive, бидејќи поголемиот дел од неговата содржина е префрлен и зачуван на овој сервис.