Google објави нов свеж изглед на своето искуство на пребарување на мобилните уреди. Целта на ова е да се олесни читањето на резултатите од пребарувањето и да се имплементира помодерен дизајн во мобилното пребарување на Google.

Една од побитните промени на овој редизајн е додатокот на поголем број заоблени и кружни елементи во целокупното искуство на пребарување. Ова се однесува на логото на Google, иконите, полето за пребарување, фотографиите и опишано е како „Googley“ чувство.

Google ги замени и засенчените полиња околу индивидуалните резултати на пребарувањето, па сега тука се правите линии на новиот edge-to-edge дизајн. Се истакнува дека ова е креирано за да се добие повеќе простор за работа и корисникот веднаш да може да го види тоа што го бара.

Покрај наведеното, резултатите од пребарувањето се полесни за читање затоа што сега се користи поголем и подебел текст. Google сега вметнува и свој фонт, кој веќе беше користен во некои од производите на компанијата, како што се Gmail и Android, и сега е достапен и за мобилнотп искуство на пребарување.

Присутна е и значително почиста позадина, нови бои кои ги потенцираат битните делови на страниците со резултати и друго. Google истакнува дека новите промени на дизајнот во следните денови ќе почнат да им пристигнуваат на корисниците.