Постои можност во Русија да е откриена нова варијанта на коронавирусот која би можела да се нарече „руска“, по аналогија на „британската“ варијанта.
Заедничкото истражување на случајот на 47-годишната пациентка го објавија научници од Сколковскиот институт за наука и технологија, Институтот за проблеми на пренос на информации „Харкевичˮ на РАН, Првиот државен медицински универзитет „Павловˮ и Научноистражувачкиот институт за грип „Смородинцевˮ.
Жената која е предмет на истражувањата се заразила со коронавирус во април, додека била на хемиотерапија поради малиген тумор (со дијагноза на Нехоџкинов лимфом од IV стадиум).
Тестирањето повторено повеќе пати покажа дека вирусот се наоѓал во организмот на пациентката со нарушен имунитет 4 месеци и дека за тоа време имал 18 нови мутации.
Како што истакнуваат научниците, две мутации биле идентични на мутациите на вирусот претходно пронајдени кај европските визони во Данска. Дел од мутациите се поклопувал со мутациите на „британската“ варијанта на коронавирусот.
Како што за весникот „Известијаˮ објасни професорот од катедрата за геномика и биоинформатика на Сибирскиот федерален универзитет и професор на Гетингенскиот универзитет (Германија) Константин Крутовски, претходно се претпоставуваше дека „британскиот“ сој исто така се појавил во организмот на лице со ослабен имунитет, но токму руското истражување покажа дека големиот број мутации е последица од долготрајниот престој на вирусот во еден организам. Притоа е прерано да се извлекуваат какви било заклучоци за „руски“ сој, затоа што е опишан само еден случај, истакнува научникот.
Директорот на Центарот „Гамалејаˮ Александар Гинцбург изнесе претпоставка дека Русија има свој уникатен сој на коронавирусот. Дали притоа мислеше на објавеното руско истражување новинарите засега немаат утврдено.
Извор: Russia Beyond