Пред десет години, програмерот Стефан Томас за едно видео што го креираше, а во кое го објаснува начинот на кој работат криптовалутите, беше платен соодветно – во биткоини. Во време кога доби повеќе од 7.000 биткоини, нивната вредност беше помеѓу 2 и 6 долари и не можеше ни да сонува дека со текот на годините нивната цена ќе доживее толку голем раст, па неодамна ја надмина бројката од неверојатни 40 илјади долари. Пред неколку дена, вредноста на неговите биткоини изнесуваше 240 милиони долари.
Откако беше исплатен во криптовалути, тој ги складираше биткоините во дигитален паричник, а неговите лозинкит се наоѓаат на посебен надворешен хард диск, на кој може да се пристапи само со лозинка. Но, Томас ја заборавил лозинката, а ливчето на кое ја запишал шифрата го загубил пред една деценија. Хард дискот на кој се наоѓа лозинката има силна заштита, па ако некој проба да внесе погрешна лозинка десет пати, целата содржина на него ќе биде криптирана и засекогаш изгубена.
Очај поради загубената шифра
Томас, секако, со текот на време се обиде да го отклучи уредот, користејќи ги лозинките што најчесто ги користи, но сите досегашни осум обиди биле неуспешни. Му преостануваат само уште два обида и нема идеја која би можела да биде лозинката на дискот, која би му овозможила засекогаш да ги реши сите свои животни финансиски проблеми.
„Само лежев во кревет и размислував за тоа. Потоа седнував на компјутер со некоја нова стратегија што не успеваше, па потоа повторно бев очаен“, ја коментираше својата ситуација за медиумите.
Но, неговите пари можеби не се изгубени, и откако NY Times ја објави приказната за него, на Twitter се јави експертот за безбедност Алекс Стамос, истакнувајќи дека може да ја пробие заштитата и лозинката на хард дискот што го крие богатството. Објави дека би му била потребна околу половина година за да го стори тоа. Секако, таа работа нема да биде бесплатна и би наплатил провизија од само 10 проценти, така што тоа може да му донесе околу 24 милиони долари по сегашната вредност на биткоинот. Со оглед на нестабилноста на криптовалутата, за половина година биткоинот може да вреди многу повеќе, но и многу помалку.
Поврзани артикли