Пред официјалниот почеток на CES 2021 саемот (кој виртуелно ќе се одржи од 11 до 14 јануари), LG одлучи да претстави освежени модели од својата LG Gram серија тенки и лесни лаптопи.

За 2021 година, LG истакнува дека лаптопите се сертификувани за Intel Evo платформата, а тоа се однесува врз основа на работниот век на батеријата, поддршката за брзо полнење и брзо подигнување од sleep режимот. Покрај ова, лаптопите имаат екрани со размер 16:10, како и нов дизајн со рамки што се тенки од сите четири страни.

За CES 2021 се подготвени пет лаптопи: LG Gram 17 (модел 17Z90P), LG Gram 16 (модел 16Z90P), LG Gram 14 (модел 14Z90P), LG Gram 2-in-1 16 (модел 16T90P) и LG Gram 2-in-1 14 (модел 14T90P). Како и минатата година, моделите од 16 и 17 инчи имаат батерија од 80Wh, за која LG тврди дека овозможува до 19,5 часа работа (помалите модели имаат батерии од 72Wh).

Сите лаптопи ја користат 11. генерација на Intel Core процесори, со Iris графика и до 16GB RAM. Присутни се сензори за отпечатоци од прсти, а двата 2-во-1 модела се компатибилни со Wacom AES 2.0 паметното пенкало.

Нема информации за цената и достапноста на освежените LG Gram лаптопи, кои ќе бидат прикажани за време на виртуелниот CES саем.