Бенџамин Лаример, научник од Универзитетот во Алабама во Бирмингем, разви технологија што потенцијално може да се користи како домашен тест на антитела.

Дијагностичкиот тест на Лаример е прецизен и сигурен метод за утврдување дали лицата се позаштитени од Ковид-19. Тестот што го развил открива неутрализирачки антитела или антитела кои спречуваат САРС-КоВ-2 вирусот да влезе во човечките клетки.

Најшироко употребуваните тестови на антитела не ги идентификуваат специфично неутрализирачките антитела. Во моментов, овие антитела можат да се мерат со висока прецизност само во комплицирани и временски долги лабораториски тестирања, кои не се достапни за пошироката јавност.

Според зборовите на Лаример, постоечките тестови за антитела користат широк пристап при нивното лоцирање, а овие антитела се врзуваат за многу мали и специфични делови на вирусот. Тековните тестови можат Ковид-19 антителата да ги препознаат и како други вируси, како што е вирусот на настинка, што доведува до можни лажно позитивни резултати.

За да направи нов тест, Лаример го расклопи САРС-КоВ-2 вирусот на мали парчиња за да ги најде точните локации на кои антителата се врзуваат за новиот коронавирус. Резултатите од студијата се покажаа дури и подобри од првичната проценка од тимот на Лаример, бидејќи тестот идентификуваше 20 проценти повеќе позитивни случаи од PCR тестот, кој се смета за златен стандард.

„Целта на секоја вакцина е да се натера телото да почне со производство на антитела, кои служат како прва линија во одбрана од вирусот. Тестовите што специфично ги детектираат овие антитела, можат да се користат и за мерење на ефикасноста на овие вакцини, и со помош на нив е  можно да се предвиди колку долго ќе трае заштитата“, објаснува Лаример.

Имунитетот на Ковид-19, што се стекнува со вакцинација, не се очекува да трае вечно, а контролата на имунитетот може да трае и неколку години по пошироката вакцинација на светската популација.

Лаример се надева дека ќе може да ја претвори својата технологија во евтин и едноставен тест што ќе овозможи домашно следење на имунитетот на една личност и кој би им бил достапен на масите. Универзитетот во Алабама поднесе барање за патент за оваа технологија.