Претставници на стартап заедницата споделија искуства за работа во време на пандемија и кои се нивните очекувања и предизвици за 2021 година. Во рамките на третиот #FITR CLASSROOM, дел од новата иницијатива вебинари на Фондот за иновации и технолошки развој, дебатираа претставници на компании кои се дел од семејството на ФИТР – Милан Димитријевиќ од акцелераторот X Фактор од Велес, Весна Кузмановиќ основач на Импала, Илија Јовановски ко-основач на Прајм Апс, Дашмир Истрефи ко-основач на Хојо Тек, како и Нина Николиќ од Стартап Македонија и Ивана Станковиќ од ФИТР.
Според учесниците во дебатата, кризата предизвикана од ковид – пандемијата оставила последици врз економијата и бизнисот но и ги натерала да се адаптираат и да бараат нови можности и решенија за справување со предизвиците. Најголеми проблеми со кои се соочиле е реализацијата на поставените цели и планови, неможноста за воспоставување на нови бизнис релации, како и финансиската оддржливост и приливот на средства.
“Во 2020 научивме 3 големи лекции: најважно е да се преживее, како поединец и како компанија, cloud технологијата е отпорна на пандемија, продажбата во enterprise сектор не е отпорна на пандемија,“ вели Илија Јованоски од ПрајмАпс. Главен предизвик на оваа компанија и бил реализација на планираната ескпанзија на постојните и нови пазари, а одлагањето влијаело и врз планираното зголемување на тимот и унапредување на решението на кое работат. Проблемите ги надминале со хипер-оптимизација на работата, целосна посветеност на постојните клиенти и задоволување на нивните барања и над очекувањата.
Многу инвеститори и стартапи се исплашиле од кризата и се повлекле вели Милан Димитријевиќ од акцелераторот X Фактор. Но и тие брзо се прилагодиле на новонастанатата ситуација со користење на нови онлајн алатки.
“Новата ситуација ни овозможи полесно да ги оцениме храбрите и оние кои навистина веруваат во самите себе. Стартапите во кои веќе инвестиравме започнаа воспоставување на бизнис контакти онлајн. Набавката е сѐ уште отежната но веќе сме свесни за ситуацијата и однапред го предвидуваме доцнењето и очекувањата се прилагодуваат според отежнатите услови, “ вели Димитријевиќ.
Пандемијата придонесе кон побрза дигитализација и во економијата што кај компанијата „Импала“, која нуди дигитални алатки и решенија, резултирало во раст во работењето. Сепак голем проблем со кој е соочиле бил протокот на пари кој има огромно влијание врз ликвидноста. Сопственичката Весна Кузмановиќ вели дека и следната година нема да биде полесна, но дека заеднички и со меѓусебна соработка ќе може да се пребродат предизвиците на пазарот.
Одлика на сите компании, особено на стартапите е храброста да се соочите директно со предизвикот како нешто што може да ви овозможи раст и напредок. Потребна ни е поголема соработка и вмрежување. Особено проекти како трансформацијата на Стартап село кое го најавува ФИТР ќе ни помогнат во тоа сите од едно место да разменуваме услуги и искуства и да работиме на надградба на постоечките и да развиваме нови решенија. Не очекува тешка година но уверена сум дека ќе има многу можности кои треба да се искористат,“ порача Кузмановиќ.
Претставниците на стартап компаниите очекуваат дека притисокот на пандемијата ќе почне да слабее во втората половина од 2021 но не очекуваат дека ќе се врати стариот начин на работење. Сите се свесни дека за да се опстане и напредува во бизнисот мора да се прилагодуваат на новонастаната ситуација. Врз база на научените лекции од 2020, сепак сите се оптимисти дека со храбри потези и флексибилност во работењето следната 2021 година може да биде само подобра.