Од неделата, околу 21 милиони луѓе се под построги мерки во Лондон, југо-истокот и исток на Англија и Велс, кои се воведени за да се запре ширењето на многу заразен нов вид на Ковид-19.
Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека новиот вид „може да биде и до 70% попренослив“ од оригиналната верзија на болеста. Крис Вити, главен советник за здравство во британската влада на Англија, рече дека овој вид предизвикал над 60% од новите случаи во Лондон во текот на изминатата недела.
Поради тоа, таканареченото ниво од 4 мерки беше воведено во голем дел од земјата, а Божиќ практично беше укинат. Луѓето од тој регион се советуваат да останат дома, освен во случај на итни патувања, закажување лекари и вежбање на отворено. На други им се препорачува да не патуваат во регионите каде се воведени најстрогите мерки, а на оние што живеат во нив нема да им биде дозволено да заминуваат. Продавниците, кои не се неопходни, се затворени, како и спортските сали, кината, фризерските салони и салоните за нокти.
Шкотска одлучи да го направи истиот чекор и наместо предвидените пет дена за ублажување на ограничувањата, тој период ќе се сведе само на Божиќ. По тој повод, премиерката на Шкотска, Никол Старџен, им се обрати на граѓаните велејќи им дека новите правила „доведуваат до солзи“, но исто така предупреди дека „вирусот не се грижи за ништо друго освен што се шири што е можно повеќе“.
„Ќе им дозволиме на луѓето да го прославата Божиќ, но, како што рековме на почетокот, искористете ја оваа можност само ако навистина и навистина ви е потребна“, истакна Старџен.
Министерот за здравство Мет Хенкок предупреди дека новиот мутиран вид на коронавирус е „надвор од контрола“ и сугерираше дека драконските ограничувања на нивото 4 ќе бидат на сила се додека сите не ја земат вакцината, пишува „Дејли меил“. Хенкок рече дека луѓето во погодените области каде има мерки од 4-то ниво треба да се однесуваат како да се заразени за да се борат против новата варијанта на болеста што се шири побрзо од претходниот вирус.
„Новиот вид може полесно да се закачи од помала количина на присутен вирус“, рече тој.
Светската здравствена организација објави дека е во близок контакт со официјалните лица на Велика Британија заради новата варијанта на вирусот Ковид-19. „Тие (официјални лица во Велика Британија) ќе продолжат да споделуваат информации и резултати од нивната анализа и тековните студии. Ќе ги информираме земјите-членки и јавноста додека дознаваме повеќе за карактеристиките на оваа варијанта на вирусот и сите импликации“ – наведе СЗО на својот профил на Твитер.
Вирусот пристигна во повеќе европски држави
Нов вид на коронавирус, кој се појави во југоисточна Англија, е пронајден во Данска, Холандија и Австралија.о откривањето на нов вид коронавирус во земјата, Холандија забрани летови на патници од Велика Британија до 1 јануари, соопшти холандската влада. Потоа, Белгија и се придружи на Холандија во забраната на летови од Велика Британија, а исто така ги прекина и железничките врски во обид да спречи нов вид на вирусот да стигне до земјата.
Премиерот Александер де Крој рече дека наредбата ќе стапи на сила на полноќ „како мерка на претпазливост“.„Постојат многу прашања во врска со оваа мутација, која можеби достигнала на континентот. Се надевам дека ќе знаеме многу повеќе до вторник“, рече Де Кроа.
По Холандија и Белгија, Австрија, Кувајт и Италија се решија на истиот чекор.
„Наша должност како Влада е да ги штитиме Италијанците, и токму поради тоа, и откако ќе ја известиме британската Влада, ќе ја потпишеме одредбата за прекин на летовите со Велика Британија“, напиша на Фејсбук италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо. Германија исто така размислува да ги прекине летовите од Велика Британија и Јужна Африка за да спречи ширење на новиот заразен вид на вирусот, кој циркулира во двете земји. И Хрватска привремено, во времетраење од 48 часа, донесе одлука за прекин на воздушниот сообраќај со Велика Британија поради новиот вид на вирусот.
Каков е новиот вид на вирусот?
Станува збор за верзија на вирусот која носи одредени генетски мутации. Овој нов вид откриен во Велика Британија е верзија на Сарс-Ков-2, вирусот корона што ја предизвикува болеста Ковид-19, што ја прави позаразна од другите. Го доби името ВУИ-202012/01, што е шифра за првата „варијанта од истрагата“ од декември 2020 година. Неговото техничко име е N501I + 69 / 70del, што се однесува на специфични генетски мутации.
Колку е полесно да се шири?
Врз основа на прелиминарните докази, научниците од британската влада веруваат дека се шири и до 70 проценти полесно од другите видови. Ова значи дека ќе се зголеми ‘R’, односно стапката на репродукција, што се однесува на просечниот број на луѓе што може да го зарази едно заразено лице.
Борис Џонсон рече дека новиот вид може да го зголеми бројот на R за 0,4 или повеќе, но неговото влијание веќе се чувствува. Низ целата земја, “R” е околу 1,1 или 1,2, но е 1,4 во источна Англија и 1,3 во Лондон и југоисток, каде што новиот вид е најраспространет.
Каде и кога првпат се појави овој вид?
Се чини дека се појавил во Лондон или Кент во септември. Првпат беше официјално идентификуван од владината лабораторија за тестирање во Милтон Кејнс на 20 септември, но можно е и пред тоа да циркулирал кај луѓе кои претходно не биле тестирани.
До каде се прошири досега?
Пред еден месец, околу една четвртина од случаите на југоисток, во Лондон и истокот од Англија беа предизвикани од новата варијанта на вирусот, но до средината на декември- тој евеќе е причина за повеќе од половина од заразените, рече Крис Вити. Ако патувањата на луѓето не запрат, мутацијата може брзо да се прошири на друго место.
Главниот научен советник еер Патрик Валанс рече дека оваа варијанта на вирусот може да ја има и во други земји, што не би било изненадувачки бидејќи постои веќе три месеци. Тој не погреши во проценките, бидејќи Холандија објави дека открила нов вид на вирус во земјата.
Што прават овие нови мутации?
Мутациите го олеснуваат врзувањето на вирусот со рецепторите на ACE2 во човечките клетки. Промените исто така можат да помогнат вирусот да ги избегне човечки антитела кои инаку би помогнале да се заштитиме од инфекција.Секој пат кога вирусот се повторува, постои можност неговите делови да мутираат поради познатата генетска „грешка во копирање“. Сите индивидуални мутации се случајни и повеќето практично не прават никаква разлика.
Одредени услови можат да извршат еволутивен притисок врз промена на вирусот. Една група генетичари претпоставуваат дека растечкиот природен имунитет кај населението во Обединетото Кралство, поради што вирусот потешко се шири, го принуди вирусот да се прилагодува. Друга теорија е дека мутацијата се случила кај пациент кој долго време се борел против вирусот, а потоа го пренел на друга личност.
Дали предизвикува посериозна болест?
Според научниците, се чини дека одговорот е „не “, колку што може да каже во моментот. Нема докази дека тоа предизвикува поголема стапка на хоспитализации или смртни случаи, но ако се заразат повеќе луѓе, бидејќи новиот вид се шири полесно, тогаш „неизбежно“ повеќе луѓе ќе завршат во болници. Трите главни симптоми за кои треба да внимавате остануваат исти: постојана кашлица, треска или висока температура и промена на сетилата за мирис или вкус.
Како се лекува новиот вид?
Бидејќи се чини дека мутациите не влијаат на сериозноста на болеста, оние кои имаат нов вид ќе бидат третирани на ист начин, како и оние кои имаат други видови. Во Велика Британија се советуваат истите мерки на заштита против овој вид- односно редовно миење на рацете, носење маски и избегнување контакт со луѓе надвор од домаќинството.
Дали вакцината ќе биде ефективна при нови мутации?
Научниците сè уште работат на претпоставката дека „одговорот на вакцината треба да биде соодветен“ за оваа варијанта, но дека треба внимателност. Научниците велат дека вакцината произведува антитела против многу делови на протеините во клетката на вирусот, па затоа е малку веројатно дека една промена или неколку би ја направиле вакцината бескорисна.
Поврзани артикли