Прашање е дали новиот вид коронавирус е виновен за забрзаниот раст на бројот на случаи на југоистокот на Англија или за нешто друго, смета водечкиот германски виролог Кристијан Дростен.
Зборувајќи за новиот вид коронавирус што се појави во Велика Британија, Дростен се сомнева дека мерките не биле добро почитувани или дека не биле доволно строги.
„Изјавите дека овој вид е 70 проценти позаразен од претходните не се ништо друго, освен тврдења на политичари. Одеднаш се појави тој број и никој не знае што значи тоа“, рече Дростен, раководител на одделот за вирологија на универзитетската болница „Шарите“ во Берлин, една од најголемите во Европа, за радио „Дојчландфунк“.
Дростен смета дека во моментот нема доволно податоци за да се каже дали новиот вид вирус е поопасен од претходните. Тој додава дека таквите податоци може да пристигнат за неколку недели. Тој смета дека можеби новиот вирус не е виновен за брзото ширење на вирусот на југоистокот на Англија, пренесува „Спутник“.
„Прашање е дали вирусот е виновен или станува збор за локално жариште или, пак, можеби епидемиолошките мерки не беа доволно строги, а потоа пренесувањето се случи во област каде што владееше нов вид. Прашање е дали тој нов вид предизвика бран на инфекција или тој бран само го донесе“, рече Дростен.