Американската компанија Reddit ја купи апликацијата за кратки видеа Dubsmash, влегувајќи во пазар во кој доминира кинескиот гигант TikTok.
Финансиските услови на трансакцијата, кои вклучуваат готовина и акции, не се обелоденети.
Американската социјална мрежа е најпозната по своите форуми преку Интернет, во кои корисниците објавуваат текстови, линкови и друга содржина поврзана со одредени интереси. Во текот на изминатите неколку години, Reddit се обидуваше да ги освежи своите услуги. Го смени дизајнот на својата веб-страница за да остане во чекор со новите трендови наметнати од популарните платформи, како што се Facebook и Twitter.
Сега, кога видео-апликациите добиваат популарност, особено кај помладите корисници, Reddit се обидува да го прошири своето присуство во оваа брзорастечка категорија.
Во објава на блог, Reddit наведува дека Dubsmash ќе ја задржи сопствената платформа и бренд, и покрај фактот дека Reddit ќе ги интегрира алатките за развој на видео, развиени од апликацијата.
Основана во Германија во 2014. година, Dubsmash има платформа што им овозможува на корисниците да снимаат видеа што се комбинираат со звук на песни, филмови и ТВ-емисии, исто како во TikTok.
Reddit посочува дека Dubsmash е „платформа што ги поздравува креаторите на содржини и корисниците кои се помалку застапени на социјалните мрежи“.
Апликацијата ја користат околу 25 проценти од афроамериканските тинејџери во САД, а жените сочинуваат околу 70 проценти од потрошувачката база.