Oppo прикажа уште еден концепт флексибилен телефон. Кинеската компанија се уште нема објавено уредот на преклоп кој е масовно достапен на пазарот, но прикажа неколку нови дизајни во вид на концепти. Најновиот концепт пристигнува во облик на модел што тројно се свиткува.
Oppo овој телефон го развил во соработка со јапонското дизајнерско студио Nendo. Уредот е наречен Slide Phone, а новиот концепт модел лесно може да се смести во дланката, благодарение на својот дизајн со тројно свиткување.
Телефонот во својата преклопна форма, која нуди екран од 1,5 инчи, може да се користи за проверување на известувањата, одговарање на повици или пристапување до плеерот за репродукција на музика.
Дополнителното отварање (слајдување) на екранот открива 3,15-инчен дисплеј, за кој Oppo тврди дека е доволно добар за креирање фотографии или лесен гејминг. На крајот, последното расклопување открива 7-инчен дисплеј, кој има минимални рамки. Овој формат има необичен однос на страници, кој е долг и тесен, но може да се користи за мултитаскинг.
Oppo со овој Slide Phone концепт нуди и поддршка за стајлус паметно пенкалце, кое може да се уфрли во телото на смартфонот. За оптика се користат три камери и LED блиц.