Руски лекари од регионот на Ставропол направиле лек што ја сузбива вирусната активност на Kовид-19, а лекот бил тестиран во Институтот „Гамалеја“, објави Министерството за здравство од тој регион.
„Група лекари од градската клиника во Пјатигорск направија лек што ја сузбива вирусната активност на Ковид-19. Токсичноста и антивирусната активност на лекот веќе се тестирани во Центарот за контрола на квалитет на имунобиолошките лекови на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија ‘Гамалеја’ на Министерството за здравство“, се наведува во изјавата.
Според Министерството за здравство, студиите покажале дека во доза од 1 мг/мл вирусното оптоварување се намалува од 5,3 до 13 пати во споредба со контролната група на заразени клетки што не биле засегнати од лекот.
Се истакнува дека методот на третман предложен од руски лекари е познат како антисенс-терапија и се заснова на блокирање на РНК-вирусот.
Како што е објаснето, РНК во човечка клетка секогаш се состои од еден синџир и за секоја негова функција потребно е таа да остане во еден синџир. Затоа, наједноставниот начин да се наруши нејзината работа е да се додаде друг синџир.
„Што се однесува до третманот на Ковид-19, лекарите од Пјатигорск го избраа потребниот антисенс-синџир за блокирање на РНК-вирусот САРС-КоВ-2“, се вели во соопштението на Министерството.
Посочено е дека истражувачката група во моментот преговара со фармацевтски компании и државни фондови за ризичен капитал, чии активности се поврзани со финансирање нови руски лекови, така што постои можност да се почне со фазата на претклинички испитувања.
„Студија на лекари од Пјатигорск влева надеж дека ќе се развие ефикасен лек против Ковид-19“, се заклучува во соопштението на Министерството за здравство.
Поврзани артикли