Водачите на земјите членки на ЕУ постигнаа договор по разговорите што траеја цела ноќ со цел да се намалат нето-емисиите на стакленички гасови од сегашните 40 проценти на најмалку 55 проценти до 2030 година во споредба со 1990 година.
„Европа е лидер во борбата против климатските промени. Одлучивме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти до 2030 година“, објави изутринава претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, на „Твитер“.
Деталите за договорот сè уште не се објавени. Ова е многу чувствително прашање затоа што посиромашните членки, кои се енергетски зависни од фосилни горива, стравуваат дека исполнувањето на овие амбициозни цели ќе ги чини премногу.
Полска, Унгарија и Чешка бараат гаранции дека може да користат природен гас и нуклеарна енергија за да ги исполнат своите климатски цели и доволно европски пари за да им помогнат на посиромашните земји за нивната зелена транзиција.